Потекло на името на градот Прилеп
Потекло на името
До почетокот на XI век за Прилеп нема податоци од пишани извори. Првиот запис за градот бил забележан два пати во Кратката историја (грчки: Σύνοψις Ἱστοριῶν) на Јован Скилица, и тоа во последните денови од животот на цар Самоил, октомври 1014 г. и непосредно пред неговата смрт, како тврдина Πρίλαπον.Името е споменувано и во византиските пишани извори од XI век, во записот на византискиот цар Василиј II за правата на Охридската архиепископија. Прилеп е споменуван и во словенските извори од XIV век: Иако првиот запис е од 1014, со сигурност може да се каже дека името на градот постоело и претходно.Постојат повеќе претпоставки за потеклото на името на градот Прилеп. Хрватскиот лингвист Петар Скок ја споменува лексемата lijep, која имала две значења: 1. Тоа што се примило (прилепило) за нешто; 2. Блато, најчесто кал помешана со плева што се лепи. Во овој контекст Скок го споменува и градот Прилеп, т.е. прасл. глагол *lěpiti којшто потекнува од индоевропскиот корен *leyp со значење 'се придржува'. Според едно предание на Марко Цепенков, луѓето кои почнале да се доселуваат, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи и градот го добил името Прилеп. Во истото предание се споменува дека градот бил прилебно место (место каде што се произведувал леб).Според некои истражувачи името има старословенско потекло со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато. Меѓутоа, ова толкување има свои пропусти. Првобитната словенска населба се наоѓала на доста високо место, под тврдината Маркови Кули, на надморска височина од околу 700 м. Во такви услови мали се шансите за постоење блато на толку високо место. Во случај да постоело блато, треба да го земеме предвид фактот дека Пелагонија не била единствено место каде што некогаш постоела вода. Во тој случај најверојатно би се очекувало и останати места коишто се наоѓале покрај блато, во своето име да ја содржат лексемата леп.Според Блаже Конески името Прилеп е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, кои се зачувани во руската антропонимија.
Comments
Post a Comment